На обвинетите за тероризам и на оние кои им помагале ќе им се суди во една постапка

11.05.2016 14:52

Судењето во јавноста така нареченото „Диво насеље“ се одложи бидејќи Основниот суд нема просторни услови за оддржување на рочиштата. Откако по барање на обвинителството, процесот против групата обвинета за тероризам се спои со процесот против обвинетите за нивна логистика, бројот на обвинети и нивни бранители се зголеми, што создаде просторен проблем за одржување на судењата.

На обвинетите за тероризам од кумановската Дива населба и на оние кои им помагале ќе им се суди во една постапка. По барање на обвинителството, судот реши да ги спои двата предмета поради економичност. За одбраната ваквата одлука е нелогична, од причина што, како што велат, случајот „Диво насеље“ е во поодмината фаза, а самото спојување би значело враќање отпочеток.

Досега, судењето за кумановските настани се одржуваше под силно полициско обезбедување. Со спојување на постапката, бројот на обвинети се искачува на 37, а ако на ова се додадат и 15 адвокати, полицајци, роднини и новинарски екипи, постојните сали, велат од судот, се претесни за да се одржи рочиште и да се испочитуваат безбедносните процедури. Поради ова, Кривичниот суд побарал од Министерството за правда да им ја додели големата сала во Врховниот суд, кадешто веќе се одржаа неколку рочишта, но биле одбиени. Поради немање судница се одложи и денешното рочиште.

„Салата на Врховниот суд на Република Македонија е од свечен карактер за одржување на свечени настани и во истата не постојат услови и не е опремена да функционира како судница. Од друга страна долколку се овозможи во оваа сала да се одвива предметното судење, во целост ќе се загрози безбедноста и редовното функционирање на судот“- стои во дописот од Врховниот суд.

Ново рочиште е закажано за 19-ти мај до кога Кривичниот суд треба да обезбеди сала за да се одржи главната расправа.

Анита Димитријевска