Попоски: Доаѓањето на Хајндл е добар сигнал
Утре во официјална посета на земјава пристигнува Јоханес Хајндл, специјалниот пратеник на германското МНР кој треба да се вклучи во надминувањето на политичката состојба во земјава. Пред дводневната посетата на германскиот дипломат, шефот на македонската дипломатија Попоски е убеден дека Германија со својот кредибилитет може да помогне во решавањето на кризата...

Специјалниот пратеник на германското МНР и амбасадор, Јоханес Хајндл, утре доаѓа во дводневна посета на земјава, потврди официјален Берлин. Хајндл ќе разговара со лидерите на четирите партии- потписнички на Пржинскиот договор, како и со амбасадорите на САД и ЕУ во земјава.
Министерот Попоски, смета дека доаѓањето на германскиот специјален пратеник е добар сигнал, бидејќи со тоа Германија покажала интерес да не не остави сами во решавањето на кризата. Попоски истакна дека е лошо и од политички и од економски аспект на земјава да и биде повлечена препораката. Токму поради тоа, вели, треба да ги интензивираме сите капацитети за да најдеме излез од политичката криза.
„Зацврстување на кредибилитетот на повеќе повторени ветувања за тоа дека Македонија има иднина во рамки на ЕУ. И мислам дека тоа е сигнал кој треба да го очекуваме од Берлин. И втората работа е сигналот дека постои интерес кај Германија да биде вклучена со што де факто се испраќа и сигнал дека не сме оставени сами на себе во еден долг временски период да имаме неизвесност околу можностите воопшто да се приближуваме кон ЕУ во услови во кои самата ЕУ е соочена со сопствени предизвициНикола Поповски, министер за надворешни работи“, изјави министерот Попоски.
За ситуацијата во Идомени, каде што се уште се стационирани над десетина илјади бегалци на македонско- грчката граница од грчка страна, шефот на македонската дипломатија оцени дека тоа е голем предизвик за нас, но и за грчките власти, бидејќи целта е, вели, тие што поскоро да бидат преместени во центрите за прием на бегалци. Тоа е, посочува, не е само наш, туку и грчки интерес- да се случи поскоро поради хумани причини - и поради безбедносни причини, бидејќи многу лесно тие лица можат да станат жртви на криумчарење со луѓе.
Игор Панов