Состојбата со депозитите се нормализира
Депозитите се стабилизираат, граѓаните ги враќаат парите- Здружението на банкари објави дека во април биле повлечени 3,6 милијарди денари. Гувернерот Богов вели-опасност немаше, банките го издржаа стресот...

Сосотојбата во банкарскиот сектор се нормализира и граѓаните полека ги враќаат парите што ги повлекоа од штедните книшки во април, мотивирани од политичката криза и шпекулациите за наводна девалвација. Гувернерот Богов е дециден, во ниту еден момент немаше опасност од девалвација, а банките успешно се справија со овој предизвик.
„Ова што се случуваше беше реален стрес-тест во кој банките покажаа дека можат да издржат, а ударот навистина беше силен. Во текот на април беа повлечени 1, 6% од депозитите на населението, а НБРМ интервенираше со 77 милиони евра на девизниот пазар. Но високата ликвидност и добрата капитализираност, како и високото ниво на девизни резерви придонесоа релативно лесно да се справат со овој предизвик“, изјави гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.
За разлика од порано, парите останале во земјава, смета Богов, затоа што драстично бил зголемен интересот за изнајмување сефови во банките, а дел од повлечените 3,6 милијарди денари завршиле и под переници. Сега состојбата е обратна, тврдат банкарите. Парите се враќаат во банкарскиот сектор.
„Веќе имаме тенденција на враќање на средствата во банките, со креирање нови орочени депозити. Сакам да апелирам до сите штедачи кои подлегнале на овие шпекулации и повлекоа дел од своите штедни влогови да ги враќаат во банките, затоа што таму се најсигурни“, вели Коста Митровски, претседател на Здружението за банкарство, Стопанска комора на Македонија.
Банкарите тврдат дека засега не размислуваат за кревање на каматите на кредитите, додека Централна банка порача дека внимателно ја следи состојбата, и ако таа целосно се нормализира, ќе размисли за враќање на референтната каматна стапка на пониско ниво од сегашното.
Свето Николовски
