„Мериот“ ги отвори вратите за посетителите
Хотелот е прв со ваков потпис на Балканот. Изграден е согласно препознатливите стандарди. Според инвеститорот, инвестицијата е вредна 30 милиони евра, а реализација траела шест години. Вработени се 97 луѓе, а бројката се очекува да достигне вкупно 160.

По шест години, „Мериот“ ги отвори вратите за посетителите. Првите гости пристигнаа од Германија и Холандија. Инвеститорот вели дека ова е прв хотел на „Мериот“ од оваа категорија на Балканот, изградбата чинела 30 милиони евра.
„Овој хотел е направен со фирми од Македонија, а со техничка помош од Мериот. Мислам дека добивме хотел со кој ќе се гордееме, со кој конечно влегуваме во хотелската мапа на светот“, вели инвеститорот Александар Ивановски.
Хотелскиот персонал сѐ уште се комплетира. Досега се вработени 100-тина луѓе, а работа ќе има за уште 60-тина.
„Многу сме возбудени што го имаме првиот Мериот хотел на балканот. Овој бренд го носи потписот на нашите основачи. Целта е да продолжиме да се развиваме. Ќе видите дека нашиот бренд од 1957-та значително се разви и ние сме подготвени за услугите на иднината“, вели Гонзало Агулар, претставник од „Мериот“.
Хотелот Мериот на градскиот плоштад е комбинација на традиционална архитектура, модерен дизајн и нови технологии- вели инвеститорот. Објектот располага со 164 соби, различни апартмани, вклучувајќи го и претседателскиот, простории за состаноци, ресторан, спа - центар, фитнес сала.
Хотелот во Скопје е дел од синџирот во кој се вклучени повеќе од 4.500 хотели во 87 земји низ светот.
Сунчица Николоска
