Штајнмајер: Кога Турција ќе ги исполни сите услови, ќе ги укинеме визите
Штајнмајер на прес-конференцијата во германското Министерство за надворешно работи нагласи дека „Турција мора да го промени законот за антитероризам“.

Турција треба да ги исполни сите 72 услови кои и ги постави ЕУ доколку сака во земјата да се воведе безвизен режим, изјави денеска министерот за надворешни работи на Германија, Франк Валтер Штајнмајер.
Коментарот следеше по изјавата на турскиот министер за односи со ЕУ кој тврди дека Турција ги исполнила сите критериуми, додавајќи дека „договорот неоправдано се одложува“.
Штајнмајер на прес-конференцијата во германското Министерство за надворешно работи нагласи дека „Турција мора да го промени законот за антитероризам“.
ЕУ бараше од Турција да ја стесни дефиницијата за терористи и терористички чинови, бидејќи врз основа на постојниот закон на мета можат да бидат новинари и политички десиденти.
„Топката е на теренот на Турција. Ако Турција ги исполни своите обврски, тогаш ќе биде корисно за нас исполнувањето на нашите обврски и да породолжиме со визна либерализација“, изјави Штајнмајер.
