Штета од 1,5 милиони евра на МЖ Транспорт поради блокадата кај Идомени
Железничкиот, и патнички и товарен сообраќај кон Грција е блокиран веќе 50 дена, што генерира загуби и за јавното претпријатие и за компаниите од земјава. Во најпродуктивниот период од годината за работа, обемот на превоз е сведен на 20 до 30 % од планираното.

Штета од 1,5 милиони евра има Македонски железници Транспорт од блокадата, предизвикана од мигрантската криза. Железничкиот, и патнички и товарен сообраќај кон Грција е блокиран веќе 50 дена, што генерира загуби и за јавното претпријатие и за компаниите од земјава. Според првиот човек на МЖ Транспорт, во најпродуктивниот период од годината за работа, обемот на превоз е сведен на 20 до 30 % од планираното.
„Најдиректно се погодени големите индустриски капацитети, како Железарница, ИГМ, Митал, Макстил, ФЗЦ „11 Октомври“, Цементарница, Макпетрол, ОКТА и други помали компании. Треба да се има предвид дека преку Македонски железници на Коридорот 10 возат и други странски железнички оператори корисници на превозот така што штетите можат да бидат уште поголеми“, изјави Никола Костов, директор на МЖ Траснспорт.
Костов рече дека веќе ги известиле сите надлежни институции во Европа, но само добиле писмено известување дека сочувствуваат со состојбата во која се наоѓа компанијата. Од МЖ Транспорт, велат дека секојдневно се во контакт со грчката железница, но засега не добиле конкретни најави и предвидување дека блокадата ќе биде завршена во одредено време.
Наташа Јанчиќ
