Русеф суспендирана од функцијата

12.05.2016 16:37

Бразилската опозиција ја обвинува Русеф дека е вмешана во даночни малверзации и користење на државни средства за финансирање на својата изборна кампања, како и дека економијата ја однела во најголема рецесија во една генерација.

По долгочасовно разгледување и дебатирање, со 55 гласа „за“ и 22 „против“ бразилскиот Сенат гласаше за суспензија на претседателката Дилма Русеф. Власта привремено ја презема нејзиниот потпретседател Мишел Темер пред кого се отвора шанса да го промени правецот на економијата во земјата. Според медиумите, Русеф не го дочекала крајниот исход од гласањето, туку веднаш наредила да се префрлат нејзините работи од претседателската палата во личната резиденција. Таа претходно тврдеше дека е подготвена докрај да се бори за да ја задржи својата функција.

„Имам доволно енергија, сила и храброст потребна да се соочам со тоа и покрај чувството на тага и ваква неправда. Но, имам сила и нема да бидам соборена. Нема да дозволам ова да ме парализира. Ќе ја продолжам борбата и ќе се борам како што тоа го правев цел живот“, изјави Русеф.

Бразилската опозиција ја обвинува Русеф дека е вмешана во даночни малверзации и користење на државни средства за финансирање на својата изборна кампања, како и дека економијата ја однела во најголема рецесија во една генерација. Во наредниот период таа ќе треба да се соочи со постапката за утврдување на точноста на обвиненијата. По маратонската 20 часовна седница и одлуката на Сенатот, група граѓани со огномет ја прославија како што ја нарекоа победата на народот.

„Многу сум возбуден. Сите наши напори се исплатеа. Имаше многу страдања, толку многу што речиси умирав, но тука сум за да се борам, за мене и за моите деца. Многу сум среќен.“

„Бразил не е Венецуела и никогаш нема да биде. Му припаѓа на бразилскиот народ, и ако велите дека луѓето немаат моќ- имаат.“

Гласањето во Сенатот беше проследено со низа протести од поддржувачите на претседателката Русеф. На последните демонстрации дојде  до судир и со полицијата при што беа приведени најмалку 3 лица.

 

Бојана Крстевски