Масовни протести во Бразил против суспендирањето на Русеф

13.05.2016 12:48

Масовни протести во повеќе бразилски градови, против суспендирањето на претседателката Дилма Русеф. Реагираат и соседните држави на Бразил, станува збор за државен удар подготвен од Вашингтон, изјави претседателот на Венецуела. Привремениот претседател Михел Темер формира нова влада, и најави борба против корупцијата...

Темор вети подобра иднина, излез од рецесијата, политичко помирување, но демонстранти од Сао Паоло не веруваат во неговите зборови. Тешка политичка криза го тресе Бразил. Откако Сенатот изгласа суспендирање на досегашната претседателка Дилма Русеф,  поради сомнеж за манипулацијата со бројките на државниот буџет, во Бразилија е формирана новата влада за национален спас.

Но, во најбројниот град, Сао Паоло, големи демонстрации. Луѓето сметаат дека со отстранувањето на Русеф е извршен државен удар.

„Државен удар. Денес на капитализмот не му треба оружје, ниту пак треба да имате доволно војска. Се што треба е антидемократско судството. Затоа и се случува ова“.

„Луѓето кои се на улица покажуваат кој командува. Луѓето командуваат и покажуваат дека не сите се согласуваат со привремената владата. Таа влада не е избрана“, велат граѓаните на Сао Паоло.

И претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, настаните во Бразил ги оквалификува како државен удар, организиран од САД.

„Венецуела се оградува и ги отфрла овие нечесни и валкани трикови насочени против оваа голема бразилска жена, која е е одличен латиноамерикански водач“, рече Мадуро.

Осуда стигна и од Револуционерната кубанска Влада која настаните во Бразил ги нарече легално маскиран државен удар. На иста линија е и колумбискиот претседател.

„Тоа што се случува во Бразил се рефлектира на останатиот дел од Латинска Америка и затоа во името на сите земји од регионот треба да ја истакнеме потребата од стабилност и демократската институционализација на Бразил“, вели колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос.

Претседателката Русеф во своја одбрана истакна дека е жртва на државен удар организиран од Темер, а дека слични манипулации со Буџетот правеле и нејзините претходници.

Анита Димитријевска