Хајндл ги комплетира средбите со политичките лидери
Германскиот специјален пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл, ги комплетираше разговорите се водечката четворка партии – потписници на договорот од Пржино. Заев и Ахмети ги разгледувале модалитетите за свикување на Собранието и за одложување на изборите. Тачи оцени дека договорот од Пржино е мртов и дека е потребно да се разговара за нов...

Германскиот специјален пратеник и амбасадор, Јоханес Хајндл ја комплетира дводневната мисија во земјава. Денеска се сретна со лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА. Заев и гостинот разговарале за модалитетите за свикување на Собранието и одложување на изборите, како и начинот за поништување на одлуката на Ѓорге Иванов за аболиција.
„Само почеток на разговори е ова, нема нешто конкретно што би споделиле со јавноста“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Ахмети рече дека предлогот за поднесување иницијатива за повторно свикување на Собранието и одложување на изборите закажани за 5-ти јуни го презентирал пред германскиот дипломат како решение за излез од актуелната политичка ситуација.
„Во однос на изборите на 5 јуни сметаме дека не би било добро да се одржат, поради имиџот на земјата. Го информиравме Хајндл дека ги преземаме сите мерки, во согласност со консултациите со правните експерти како Собранието повторно да се стави во функција. Кога ќе проработи Собранието, ќе се отворат многу други прашања“, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети по средбата со специјалниот германски пратеник за Македонија.
Договорот од Пржино е мртов, време е за нов- изјави Тачи. Иницијативата на Ахмети ја оцени како лош маркетиншки трик. Рече дека решение за повторно свикување на Собранието може да се најде само ако има силна политичка волја.
„Ако сакаме сите четири партии заедно да работиме, по ред треба да ги гледаме сите проблематични ситуации и ако имаме договор да имаме договор во пакет, инаку вака нема смисла. Ние се договораме за нешто, тие удираат на друга страна. Не сум правник, но сметам дека ако има сериозна политичка волја од сите политички актери, ќе се најде правен начин“, рече претседателот на ДПА, Мендух Тачи.
Германскиот специјален пратеник и амбасадор вчера разговараше и со министерот за надворешни работи, Попоски и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Освен со македонските политичари имаше средби и со странските амбасадори во земјава. Се очекува со конретни решенија повторно да се врати во Скопје идната недела.
Катерина Топалова