Британски „Лајкамобил“ влегува во Македонија

13.05.2016 16:17

Британскиот виртуелен оператор „Лајкамобил“ објави дека влезе во Македонија. Од компанијата велат- ќе донесат ниски цени на телекомуникацискиот пазар. Активни се во 20 држави, имаат над 15 милиони корисници...

Земјава добива нов, трет мобилен оператор. По спојувањето на ВИП и на ОНЕ во една компанија, според одобрението од Комисијата за заштита на конкуренцијата, ВИП презеде обврска да обезбеди влез на пазарот на виртуелен оператор во рок од 3 месеци од регистрацијата. Британската компанија „Лајкамобајл“ и официјално, преку својата интернет страница, соопшти дека Македонија станува 21-та земја во која ќе дава услуги на мобилна телефонија.

„Најголемиот светски мобилен виртуелен мрежен оператор ќе ја лансира Македонија како 21 земја во неговата меѓународна мрежа. „Лајкамобајл“ обезбедува евтини и квалитетни меѓународни разговори за 15 милиони корисници во 20 земји, има покриеност на европската популација поголема од кој било друг оператор“, стои во соопштението на компанијата.

Основна причина за нејзината брза експанзија е оригиналната политика на дистрибуција на припејд сим картичките преку 2 милиона продажни места во светот,велат од компанијата.Лајкамобајл е една од ретките која ги нуди своите услуги надвор од класичните продавници.Се продава на шалтери на отворено, односно на подвижни пунктови лоцирани на тротоари, во молови и на други фреквентни места.

Интересно е што за разлика од другите компанијата не наплатува трошоци за роаминг кога се зборува со некој во 19-те земји во кои оперира Лајкамобајл. Компанијата најавува дека е насочена кон ширење на дејноста во земјите на Источна Европа и поврзување со многубројните иселеници кои живеат во западноевропските земји каде таа е веќе присутна.

Досега Лајкамобајл има виртуелни мрежи во: Австралија, Австрија, Белгија, Данска, Франција, Германија, Италија, Ирска, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Шведска, Шпанија, Швајцарија, но работат и во Хонг Конг, САД, Тунис и Велика Британија.

Дека работите се напредна фаза потврдува и објавувањето на првиот оглас за вработување во новиот мобилен оператор. Од Агенцијата за електронски комуникации потврдуваат дека е завршена постапката за нотификација и според процедурата ќе следува разгледување на барањето за доделување карактеристични повикувачки броеви за новата мрежа.

 

Свето Николовски