Три милиони евра за проекти за рамномерен регионален развој

13.05.2016 16:54

Со три милиони евра од државниот буџет ќе се финансираат 26 проекти во осумте плански региони. Средствата се наменети за изградба и реконструкција на локалната патна мрежа, за индустриски зони. Најмногу пари ќе се слеат во најмалку развиените подрачја...

Најмногу пари за североисточниот, најмалку за скопскиот регион. Со 3,5 милиoни евра ќе се поддржат проекти во осумте плански региони. Од Бирото за регионален развој соопштуваат дека со парите ќе се градат и oбновуваат локални патишта во седум региони, инфраструктура во индустриските зони во Велес и во Неготино, комунална инфраструктура.

„Новина оваа година е тоа што освен финансираме проеки, доделуваме и пари за менаџирање со истите“, изјави Џемаил Елмази, Директор на биро за регионален развој.

Средствата се распределуваат согласно со развиеноста на регионите.

„Скопскиот регион доби 7,2% од вкупните финансиски средства, или околу 210 илјади евра, додека најнеразвиениот североисточниот регион, доби 17,3%, или околу 500 илјади евра“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер задолжен за економски прашања.  

„Според структурата, најголемиот број на проекти, 24 од нив се инфраструктурни, еден е план за интегрално управување со отпад и еден проект се однесува на подорбување на условите за туризам“, рече Ширет Елези, министер за локална самоуправа.

Програмата за рамномерен регионален развој содржи уште две компоненти, проекти за планинските региони кои имаат специфични потреби, како и проекти за развој на селата. Овие две компоненти се во вредност од околу 77 милиони денари.

Ана Јосифоска- Тодоровска