Историски триумф на МЗТ Скопје
27.01.2014 22:37
Вечерва Аеродром ќе гори, вечерва сите искрени љубители на кошарката во Скопје и во Макеоднија ќе слават...

Вечерва Аеродром ќе гори, вечерва сите искрени љубители на кошарката во Скопје и во Макеоднија ќе слават. МЗТ Скопје го преслуша Партизан, во Белград. Македонскиот шампион го кутна српскиот и јадранскиот, на затворањето на 18-та АБА рунда.
66:73, маестрална партија на Тодор Гечевски – 19 поени и 13 скокови. Го следеа во чекор Синовец со 12 и Лучиќ со 11. Србите ги срупија своите, во финишот на мечот му ја донесоа најслатката и најголемата победа на македонскиот преставник, во регионалното првенство. Металците се враќаат на 7-та позиција со 8 победи и 10 порази, Партизан останува на третата со 13 победи и со 5 порази. МЗТ е само втора екипа, покрај Звезда, што сезонава слави на паркетот на црно-белите.
Најуспешната екипа во историјата на ова натпреварување, со 6 титули во витрините, но видно истоштена и згмечена од пеколното темпо на Евролигата, беше натскокана и надиграна во сите сегменти. 23 прифатени топки за гостите, наспроти 22 за домаќините, симболично, само еден скок повеќе, со кој што се илустрира и текот на целиот натпревар. Сценарио како на првиот, што во Скопје имаше спротивен епилог. И оваа сезона, МЗТ и Партизан ги поделија победите, сега со гостински триумфи.
Вкупната реализација на нашата екипа беше 43,5%, на противникот 43,1. Само 11 прецизни удари за три, од нерезонските 29 упатени, но кога требаше се погодуваше. Очајно изведуваа слободни и очајно шутираа и за два, двата тима. 9 загубени топки за Партизан, 10 за МЗТ Скопје Аеродром.
Прекината е серијата од два последователни пораза, а воедно МЗТ и стави крај и на низата четири победи на Партизан. Конечно, избраната дузина го потврдува својот квалитет. Сега веќе нема оправдување за лоша или за слаба партија, МЗТ може да атакува на највисок пласман во регионот, зошто да не и на фајнал фор билет.
