ИТ бизниси: Финансиите не се секогаш пресудни за успех
„Финансиите не секогаш се пресудни за успех“ – вели компјутерскиот инженер Тони Бачваровски. Според него, почетоците се тешки, но ако внимателно се управува со парите, а добивката се реинвестира, тогаш бизнисот може да се развива во посакуваната насока...

По искуството во Силиконската долина во Калифорнија, компјутерскиот инженер и претприемач Тони Бачвароски се врати во земјава. Три години успешно гради бизнис во ИТ технологијата. Вели дека почетокот бил тежок, но не се откажал, сега има седум вработени. Според него, финансиите се важни, но не и пресудни за успешноста на бизнисот.
„Кога ја видов старт-ап сцената во Силиконската долина бев многу инспириран, тоа е тоа. Почнување на свој бизнис со свои проекти е тоа што најмногу ме исполнува. Требаше само да поминам низ идеите и да видиме во која насока ќе се движиме. Првичните финансии беа мали, но потоа со реинвестирање на добивката, со такви жртви стигнавме до момент да можеме вистински да инвестираме“, вели претприемачот Тони Бачвароски.
Со развивање на ИТ платформа се занимава и младиот Драган Димов. Според него, овој бизнис има голем потенцијал за раст и развој.
„Тоа е една релативно нова платформа која за секој лаик дава можност да изгенерира мобилна апликација дали за свој клиент или својот бизнис и тоа за релативно брзо време“, вели Димов.
За полесна реализација на бизнисот, младите претпримачи на располагање ги имаат бизнис инкубаторите. Оттаму велат дека обезбедуваат бесплатни обуки, бенефицирана кирија, поддршка.
„Во тек се спроведување на обуки за започнување на сопствен бизнис, а проектот ќе понуди и дополнително платформа за ЕУ учење која ќе може да ја корисат и граѓанските организации, а воедно и натпревар за бизнис план“, изјави Оливера Аритоновска- ПСМ инкубатор.
Нашите соговорници велат дека поддршката на иновативни бизниси ја зголемува конкурентноста на економијата и генерира раст на стопанството.
Дијана Ценевска
