Политичката криза ќе се одрази и врз рударството

16.05.2016 15:41

Домашната асоцијација преупреди на последиците, бидејќи се одложува доделувањето на концесиите. Проблем за овој сектор претставуваат и недостигот од стручен кадар, скапата струја, високите камати...

Рударството засега држи чекор со политичката криза, но предупредува на застојот во доделување концесии што влијае негативно врз развојот на оваа гранка, која вработува речиси 13 илјади лица. И покрај затворањето на Злетово и Тораница продукцијата во првиот квартал е намалена за само 1,2 насто, но нивното најавено рестартирање ќе овозможи раст не само на производството на металични руди, туку и на извозот.

„Доделување на концесии за експлоатација ќе се врши по изборите. Во прашање кога ќе бидат тие, а месеци и години се потребни за развој на еден рудник. Потребни се 4-5 години за да се развие еден рудник. Краток период во кој треба да се обезбеди и време, но пред сѐ и пари. Наше мислење е дека и во вакви услови одредени органи и сектори во државата треба да продолжат да донесуваат одлуки, за да не дојде до запирање на натамошниот развој на рударството“, вели Николајчо Николов, претседател на Македонската асоцијација за рударство.

Од оваа гранка укажуваат и на немање долгорочна стратегија за развој на рударството. Да не ни се случува да го увезуваме она што го имаме, како цементот, или пак да трошиме многу стаклени производи и да ја развиваме конзервната индустрија, но да немаме фабрика за нивно производство. Се бара извоз на финализирани производи, а не суровини и полуфабрикати. Се соочуваат со нелојална конкуренција и сива економија и бараат посериозна контрола на квалитетот на материјалите што ги користи градежниот сектор. Велат дека преголеми трошоци ја влошуваат нивната конкурентност.

„Плаќаме многу скапа електрична енергија, а на негативното работење на фирмите влијаат и тешките провизии на банките“, вели Шефки Алити, потпретседател на Македонската асоцијација за рударство.

Компаниите укажуваат дека набрзо можат да се соочат со недостиг на квалификувана работна рака во рудниците, затоа што дел веќе заминал на работа во странство, а малку стручни лица продуцираат образовните институции во земјава. Засега берзанските цени се на долната граница на рентабилност, со што се губи развојната компонента, но високата цена на златото охрабрува и ги покрива трошоците.

Свето Николовски