Според роковникот на ДИК- почна изборната кампања

16.05.2016 16:42

Според роковникот на Државната изборна комисија, од денеска почна изборната кампања за предвремените парламентарни избори на 5-ти јуни. Треба да трае до 3-ти јуни на полноќ. Единствена прифатена кандидатска листа е онаа на коалицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Откако ДИК констатираше отстапување во дел од изборните единици, и најави дека со писмо ќе се обрати до Собранието. Спикерот Вељаноски од Рим одговори - нема уставна можноста да свика седница. Брисел порачува дека нема услови за избори...

Според роковникот на Државната изборна комисија, денеска почнува изборната кампања  за предвремените парламентарни избори закажани за петти јуни. Треба да трае до трети јуни до полноќ, кога настапува изборниот молк.

ДИК, за учество на изборите, ја потврди само кандидатската листа на ВМРО- ДПМНЕ и на коалициските партнери.

Претходно констатираше дека во дијаспората се пријавиле мал број на гласачи, но и дека во три изборни единици има за над 5 проценти поголем број на избирачи за што е потребно прекројување на изборните единици.

Комисијата на седница донесе заклучок дека за ова ќе го извести претседателот на Собранието, Трајко Вељановски кој пак неколку пати и денеска потенцира дека нема законска и уставна можност за повторно свикување на веќе распуштеното Собрание.

„Ја пратам ситуацијата во Македонија овие два дена. Запознат сум со случувањата и сите тие барања пред Собранието и за самото Собрание и би сакал да го повторам оној општо познат став, што го имав досега искажано дека јас, верувајте, немам уставни можности да свикам седница на распуштено Собрание. Тоа е основото правило на еден уставен и правен поредок на која било држава вклучувајќи ја и Република Македонија“, изјави Вељаноски.

Инаку, поради недостатоци беше отфрлена кандидатската листа на Народното движење за Македонија, а Социјал- демократската партија се откажа од корегирање на недостатоците во нивните поднесени листи.

„ДИК е орган кој само може да ги спроведува, да ги извршува законите. Тоа е едно самоволија на ДИК. Во однос на личните карти јас спомнав дека тие ги имаат сите податоци во избирачкиот список, а во однос на доказот за секој кандидат дека не е осуден со правоилна пресуда, јас цитирав одредба од Кривичниот законит дека никој нема право да бара од граѓаните да ја докажуваат својата осудуваност и неосудуваност“, рече Јанко Бачев од Народното движење за Македонија.

Европската комисија преку својот гласноговорник посочи дека не се исполнети ниту минимум услови за овозможување веродостојни избори на 5-ти јуни, кои би можеле да бидат признаени од меѓународната заедница.

 

Миле Ристески