Почна изградбата на последната фаза од ТАП
Почна да се гради Трансјадранскиот гасовод- ТАП на територијата на Грција. Овој гасовод ќе пренесува природен гас од азербејџанските наоѓалишта во реонот на Касписко Море до корисниците во Грција, Албанија, Италија и понатаму во Западна Европа...

Почна изградбата на последната фаза од јужниот гасен коридор. Во Солун означен почетокот на градежните активности од Трансјадранскиот гасовод за транспорт на азербејџанскиот гас до европските пазари. Ќе се протега од турско- грчката граница преку Грција, Албанија, Јадранско Море до Пуља- југот на Италија. Ќе биде приклучена и Бугарија. Проектот во кој ќе бидат инвестирани 5,6 милијарди евра, во март годинава доби зелено светло од Европската комисија, со ставот дека ќе ги подобри сигурноста и диверзификацијата на енергетското снабдување на земјите од ЕУ.
„Трансјадранскиот гасовод ќе биде еден од трите кои ќе го отворат јужниот гасен коридор, што е стратешки приоритет за енергетската заедница, за да ја зајакне испораката на гас во ЕУ и да ја зголеми енергетската безбедност на јужниот гасен коридор. Целта е да се прошири и инфраструктурата која испорачува гас од каспискиот басен, Централна Азија, Блискиот Исток и источниот Медитеран во земјите од Европската унија“, вели Маргаритис Схинас, портпарол на Европската комисија.
Вкупната должина на Трансјадранскиот гасовод ќе изнесува 840 километри. Најголем дел 540-тина минуваат низ Грција, со 205 километри ќе ја пресече Албанија, и по дното на Јадранско море ќе дојде до југот на Италија.
Изградбата на копнената рута ќе почне во втората половина од годинава. Треба да финишира за три ипол години. За 2020- тата е планирано да почне испораката на гасот проектиран со капацитет од 10 илјади кубни метри годишно и можност за двојно зголемување. Преку јужниот гасоводен коридор планирано е извоз на 16 милијарди кубни метри природен гас од кои шест милијарди во Турција, остатокот во Европа.
Сузана Фиданска- Стоевска
