Штајнмаер: Да се најде пат кон политичкиот процес во Сирија
Во Виена продолжува конференцијата за Сирија. Се очекува враќање на опозицијата на преговарачка маса, смирување на борбите на теренот и испраќање хуманитарна помош за населението...

Во австрискиот главен град денеска се одржува конференција за Сирија, на која учествуваат шефовите на дипломатиите на повеќе од 20 земји. Целта е враќање на сириската опозиција на преговарачката маса. Шефот на германската дипломатија, Штајнмаер изјави дека мора да се најде пат назад кон преговарачкиот процес.
„Денеска се одржува многу важен и итен состанок на меѓународната контактна група за Сирија. Поминаа три месеци по нашата последна средба во Минхен. За време на тие месеци имаше светли, но исто така и многу темни страни. Дел од жителите се вратија во своите домови и видовме како дел од населението доби помош. Темната страна е тоа што не успеавме на сите да им понудиме хуманитарна помош“, изјави министерот за надоворешни работи на Германија, Франк Валтер Штајнмаер.
Штајнмаер истакна дека од последниот состанок на меѓународната група во Минхен, пред три месеци, имало одредено смирување на борбите, но истовремено нагласи дека судирите околу Алепо ги намалуваат надежите во примирјето.
„Во текот на разговорите во Виена на опозицијата треба да и се понудат подобри услови за примирје, како и подобрување на хуманитарната помош, со цел да биде придобиена да се врати на преговарачката маса за да разговара со режимот за политичките промени во Сирија“, изјави Штајнмајер.
На денешниот состанок се очекува да се разговара за воспоставување насоки за преодна влада. Состанокот почна изутрината зад затворени врати. Меѓу учесниците се САД, Русија, Кина, Германија, Франција, Велика Британија, Италија, како и соседите на Сирија, Турција, Саудиска Арабија и Иран. На состанокот учествуваат и претставници на Обединетите Нации, Европската Унија, и Арапската лига.
Марина Автовска
