Ал Хусеин: Во Европа се нарушуваат правата на мигрантите од Блискиот Исток
Високиот комесар за човекови права на Обединетите Нации посочи дека во Европа се нарушуваат правата на мигрантите од Блискиот Исток. Демократските држави за првпат по Втората Светска војна паднаа на испитот на солидарност со лицата на коишто им е потребна помош, оценува Ал Хусеин...

Војната во Сирија ги поремети животите на милиони луѓе, коишто бегајќи пред тероризмот и конфликтот пристигнаа во Европа. Човековите права во бегалските кампови особено во Грција се нарушуваат, бидејќи нема образование за децата, и храна и вода, оценува Високиот комесарот за човекови права на Обединетите нации Зеид Раад Ал Хусеин. Според него загрижувачки е што во некои европски држави во изборните кампањи се бара блокада за мигрантите.
„Она што се случува во Европа може да се карактеризира како мигрантска криза, но е европска криза на недостиг на емпатија, сочувство, криза на човечкото мислење, тука во основа лежи проблемот. Конфликтот ги протера луѓето од нивните домови, па луѓето пристигнуваат на европските брегови со пиштол вперен во грбот, а наоѓаат искривен систем што го создадовме до Втората Светска Војна“, изјави Зеид Раад Ал Хусеин, висок комесар за човекови права на ОН.
Човековите права се нарушуваат во Африка, Украина и во Турција, оценува комесарот. Според него, најголемите прекршители на човековите права се терористичките организации, поради што расте омразата во демократските држави коишто одобруваат мачење на терористи.
„Силно ме загрижува кога слушам и видов во последната анкета на Ројтерс дека седуммина од десет Американци би одобриле мачење како метод на испитување во одредени случаи. Пред десет години, беа тројца од десетмина Американци. Како е можно тоа? Конвенцијата против мачење во членот два кратко но најдобро забранува ваков третман“, вели Ал Хусеин.
Според последниот извештај на Обединетите нации, во речиси сите земји членки е регистрирано назадување на почитувањето на човековите права.
Комесарот предупреди дека буџетот на Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации е премал да за ефективно одговори на нарушувањата на човековите права во светот.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
