Случај „Ќелија“: Казни затвор од 2 до 4,5 години
Скопскиот Кривичен суд на петтемина обвинети во случајот „Ќелија“ им изрече затворски казни од 2 до 4,5 години. Сите се виновни за кривичното дело, учество во странска војска, полиција, паравоена или параполициска формација...

Затворски казни од две до четири години и шест месеци добија петтемина обвинети во случајот „Ќелија“ за „учество во странска војска, полиција, паравоена или параполициска формација“. Судот зел предвид дека обвинетите се млади луѓе. Дел од нив семејни. Дека првпат се огрешуваат пред законите, како и околностите дека се можеби изманипулирани да прават вакви лоши дела за нив и за човештвото. Одбраната е задоволна од пресудата.
Обвинетиот Иса Фуга за три кривични дела доби четири години и шест месеци затвор. Абдула Абдулаким за две кривични дела доби три години и еден месец затвор. Ерол Рустеми за две кривични дела доби четири години, Мухамед Имери и Стефан Стефановски за по едно кривично дело, добија казни од две години затвор. Нивниот адвокат посочи дека ова е прв ваков предмет во земјава.
Обвинетите во понеделникот ги признаа делата. Иса Фуга потврди дека освен што регрутирал војници да се борат на страна на џихадистите, ги собирал и финансиите и опремата, а ги криел и останатите од групата. Стефан Стефановски и Мухамед Имери, обвинителството ги товари дека учествувале во борбите во Сирија на страната на џихадистите.
Претходно шестмина обвинети од „Ќелија“ се спогодија за казната.
Фиљана Кока
