Падна украинската влада

28.01.2014 10:03

Азаров во поднсената оставка вели дека се откажува од позицијата претседател на владата на Украина...

Премиерот на Украина, Микола Азаров поднесе оставка. Азаров вели дека се откажува од позицијата претседател на Владата на Украина, поради нарушената економска ситуација како последица на двомесечните протести во главниот град Киев, кои последниве денови излегоа од контрола.

Според Уставот на Украина, ако премиерот поднесе оставка, тоа значи дека „паѓа“ целата влада. 

Повторно без никаков интерес на опозицијата да стане дел од новата украинска влада помина новата средба на украинскиот претседател Јанукович и лидерите на трите главни опозициски партии. Единствениот постигнат договор е амнестија.

-Преговорите се долги и тешки. Разговараме за неколку клучни прашања. Утре ќе имаме шанса да ги разгледаме детално. Ќе има амнестија за уапсените. Ќе разговараме за укинување на срамните и неуставни закони од 16 јануари. рече Виталиј Кличко, опозициски лидер на „Удар“

Се уште не е исклучена можноста за воведување вонредна состојба. Во пораст се екстремистичките и терористичките акции. По вчерашната акција за спречување напад на хидроцентралата Днепрогрес, полицијата ја пребарува Стопанската комора за поставени мини, а екстремни средношколци во Херсон прободеа тројца полицајци. Делата им се припишуваат на неонацистите, во време кога расте поддршката за нив.

-Во моментов „Десен сектор“ има поголема поддршка од Јаценјук, Тјанибок и Кличко. оцени Петро Јарош, лидер на „Десен сектор“

Во Киев веќе е еврокомесарот за проширување Филе, а треба да пристигне и високата претставничка Ештон, кои изразија сериозна загриженост поради ситуацијата во Украина. И генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун апелираше до Јанукович да почне конструктивен дијалог со опозицијата.


Ивана Салтировска