„Ван Хол“ гради втора фабрика во Бунарџик, инвестиција од 17 милиони евра

18.05.2016 15:56

17 милиони евра ќе вложи белгиската компанија „Ван Хол“ во втора фабрика за производство на автобуси во Бунарџик. Менаџментот вели дека планира да вработи 450 луѓе...

Белгиски „Ван Хол“ почна да ја гради втората фабрика за автобуси во слободната економска зона Бунарџик. Планирани се четири нови производствени линии и вработување на 450 работници- вели инвеститорот. Најави дека ќе вложи 17 милиони евра.

„Во септември годинава ќе се изгради магацинот, во април 2017 година е предвидено отворање на четири нови производствени линии, кои ќе функционираат покрај постоечките четири линии“, најави инвеститорот Филип Ванхол.

Вицепремиерот Пешевски оцени дека инвестицијата е потврда дека странските компании ја препознаваат Македонија како атрактивна бизнис- дестинација. Очекува зголемување на извозот.

„Успеавме во намерата да донесеме сериозни компании со долгорочни планови за инвестиции, и како резултат на тоа во наредните години, само во веќе постоечките компании бројот на вработени во странските инвестиции речиси двојно ќе се зголеми и ќе се стигне до бројката од околу 34.000 директни вработувања“, рече вицепремиерот Пешевски.

Според Виктор Мизо, во моментов во слободните зони се вработени 5.750 луѓе, од почетокот на годинава извозот од ТИРЗ- овите надминал 650 милиони евра.

„Изградбата на новите производствени линии како и досега ќе имаат повеќекратни позитивни ефекти, освен зголемување на вработеноста, на извозот, велзот на нови технологии, трансфер на знаења, а истовремено ќе се придонесе за интензивирање на соработката со домашните компани“, изјави директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Со втората фабрика, инвестицијата на белгиската компанија во земјава ќе достигне 33 милиони евра, вели инвеститорот. Најави дека планира бројот на вработени да достигне над 1.200.

 

Дијана Ценевска