Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција дава резултат
Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција дава резултат- велат надлежните. Меѓународната заедница помага со техничка и финансиска помош. Регистар на преведувачи на ретки јазици- потреба за поефикасно справување со мигрантската криза...

Потребен е силен МАРРИ центар што ќе помага во изнаоѓање решенија за тешкотиите кои поединечно не можат да бидат надминати во справувањето со миграциската криза- вели министерот Спасовски. Според него, МАРРИ е доказ дека регионот знае да соработува и да дава придонес во задржувањето на стабилноста.
Директорот на МАРРИ регионалниот центар, Тамара Мугоша ги презентираше реализираните активности и плановите за работа на традиционалниот дипломатски брифинг. Рече дека продолжува заедничката борба против илегалната миграција, како и отворањето на низа прашања што се од важност за земјите во регионот во процесот на нивно приближување кон ЕУ.
„Ги засиливме партнерствата и со други регионални организации. Добивме поголема техничка и финансиска поддршка од меѓународната заедница. Она што МАРРИ ќе го работи во периодот што доаѓа, е поддршката на земјите зафатени од миграциската криза. Имајќи предвид дека миграциската криза не е од краток рок и сите наши земји во поголема или во помала мерка имаат потреба за поддршка кога станува збор за миграцијата, азилот и за бегалците“, изјави Тамара Мугоша, директор на МАРРИ Регионален центар.
Ќе се работи на проект за воспоставување регионален регистар на преведувачи на ретки јазици, потреба идентификувана не само за Македонија, туку и за преостанатите земји во регионот.
Наташа Гркова- Петрушевска
