УКИМ одбележува 67 години од основањето
Делегации ќе положат цвеќе пред споменикот на Кирил и Методиј на универзитетскиот кампус, а од 11 часот во аулата на Ректоратот ќе бидат доделени Плакета на УКИМ, Награда „Св. Кирил и Методиј“ и титула Почесен доктор на науки на Универзитетот.

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ денеска ќе одбележи 67 години од основањето - со молебен пред споменикот на браќата просветители на универзитетскиот кампус, доделување плакети и награди и вечер со свечена академија и концерт во МНТ на кој како солист ќе настапи виолинистот Стефан Миленковиќ.
Молебенот посветен на светите Кирил и Методиј ќе почне во 10 часот и со него ќе чиноначалствува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Делегации ќе положат цвеќе пред споменикот на Кирил и Методиј на универзитетскиот кампус, а од 11 часот во аулата на Ректоратот ќе бидат доделени Плакета на УКИМ, Награда „Св. Кирил и Методиј“ и титула Почесен доктор на науки на Универзитетот.
Свечената академија ќе се одржи од 20 часот во Македонскиот народен театар, каде што ќе се обрати ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стојковски, а ќе настапи хорот „Драган Шуплевски“ на Факултетот за музичка уметност при УКИМ.
