Во Белград отворена изложба со дела од Глигор Чемерски

19.05.2016 11:32

Во САНУ, во Белград отворена меморијална изложба на Глигор Чемерски- Случувања и знаци на земјата Македонска...

По Руската и Бугарската академија на науките и уметностите, и во Белград, на Кнез Михајлова во Галеријата на САНУ, постхумно е отворена изложба на академскиот сликар Глигор Чемерски.

На изложбата- Случувања и знаци на земјата Македонска во галеријата на САНУ преставена е репрезентативна колекција на 57 дела од различни периоди од творештвото на академик Глигор Чемерски. Изложбата која самиот ја подготвуваше во Белград е резултат на соработката меѓу САНУ и МАНУ. Во градот на неговата младост и студиите, Чемерски е преставен со дела кои ја поврзуваат македонската ликовна традиција со антиката и Византија, со ренесансната Италија и светот.

На отворањето на изложбата присуствуваа министрите за култура Елизабета Камческа Милевска со колегата Иван Тасовац, академиик Луан Старова- потпретседател на Македонската академија на науките и уметностите, академик Влада Урошевиќ, а истата ја отвори академик Владимир Костиќ.

„Глигор Чемерски е Глигор Чемерски. Ми пречи инсистирањето на етничкото одредиште. Точно е- тој е Македонец, што никој не го спори.Тој е голем македонски уметник- што никој не го спори. Но Чемерски е светски и европски сликар. И немојте да ни го одземате и од нас малите љубители на уметноста кои уживаат во неговите слики. Денес ние овде уживаме во неговите дела“, изјави академик Владимир Костиќ, претседател на САНУ.

Изложбата ја осликува нашата богата духовна историја и култура и ме радува големата посетеност- констатиташе министерката Камческа- Милевска.

„Оваа изложба има огромно значење за промоција на македонската култура, сето она што може и светската јавност да го погледне и да се запознае со овој голем ликовен и уметник и академик. Чемерски познат насекаде во светот, присутен на сите светски меридијани, така да сето она што го презентираше е на свовиден начин презентација на македонската култура и уметност“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.

Изложбата е потврда на динамичните културни врски меѓу Македонија и Србија -изјави министерот Тасовац.

„Од една страна сме среќни  што имаме ваква изложба во Белград, на голем и значаен европски уметник, но од друга страна имаме еден вид тага што вечерва не е со нас на отварањето. Но, ова е потврда дека и големите уметници кога ќе не напуштат, сепак остануваат меѓу нас, што говори за моќта на уметноста“, рече Иван Тасовац, министер за култура на Р. Србија.

Изложбата на Чемерски која беше најавена во сите водечки медиуми во Србија, ќе биде отворена до 19-ти јуни.

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ