Исмаил: Не е исклучена можноста од тероризам
Авионот исчезнал изутрината над Средоземното Море, 16 километри откако навлегол во египетскиот воздушен простор. Контролорите на грчкиот водушен сообраќај изјавија дека разговарале со пилотот додека бил во грчкиот воздушен простор, но тој тогаш не пријавил никаков проблем.

Египетскиот премиер Шериф Исмаил изјави дека во тек е потрага по патничкиот авион на компанијата „Египет Ер“ кој ноќеска исчезнал од радарите над медитеранот и дека е рано да се исклучи која било причина, вклучително и тероризам. Претходно официјалните власти на египетската авијација соопштија дека авионот со 66 патници и членови на екипажот кој летал на линија Париз – Каиро се урнал. Авионот исчезнал изутрината над Средоземното Море, 16 километри откако навлегол во египетскиот воздушен простор. Контролорите на грчкиот водушен сообраќај изјавија дека разговарале со пилотот додека бил во грчкиот воздушен простор, но тој тогаш не пријавил никаков проблем.
Компанијата „Египет Ер“ потврди дека меѓу патниците биле 30 египетски, 15 француски, двајца ирачки државјани, и по еден од Велика Британија, Кувајт, Саудиска Арабија, Судан, Чад, Португалија, Алжир и Канада. Британски Гардијан јавува дека меѓу членовите на екипажот се наоѓале и тројца безбедносни агенти, што било вообичаена пракса.
Египетската војска соопшти дека не добила сигнал за помош од пилотот на авионот демантирајќи ја претходната вест дека сигнал бил упатен десетина минути пред исчезнувањето.
Францускиот премиер Мануел Валс им понуди помош на египетските власти во потрага по остатоците од авионот.
„Сочуствуваме со семејствата на патниците. Меѓу нив има и 15 француски државјани. Прв приоритет е да се информираат семејствата и секако потрагата по авионот. Ние им стоиме на располагање на семејствата“, изјави Жан Марк Ајро, министер за надворешни работи на Франција.
Грција испрати два авиона во областа каде што исчезна авионот, а во состојба на готовност се и хеликоптери за евентуална спасувачка акција. Извори на Министерството за одбрана наведуваат дека властите ја истражуваат изјавата на капетан на еден трговски брод кој рекол дека видел „оган на небото“ во близина на островот Карпатос. Францускиот претседател Оланд разговарал со египетскиот колега за несреќата и за откривање на околностите под кои се случила.
Марина Автовска
