Оланд: Авионот на „Египет Ер“ бил оштетен

19.05.2016 15:12

Францускиот претседател Оланд потврди дека леталопто се урнало, но додаде дека е сеуште многу рано да се шпекулира за причините...

Египетскиот премиер Шериф Исмаил изјави дека во тек е потрага по патничкиот авион на компанијата „Египет Ер“ кој ноќеска исчезнал од радарите над медитеранот и дека е рано да се исклучи која било причина, вклучително и тероризам. Претходно официјалните власти на египетската авијација соопштија дека авионот со 66 патници и членови на екипажот кој летал на линија Париз – Каиро се урнал. Францускиот претседател Оланд потврди дека леталопто се урнало, но додаде дека е сеуште многу рано да се шпекулира за причините.

„Сите информации што ги имаме, од премиерот, членови на лвадата и секако египетските власти укажуваат на тоа дека авионот бил оштетен“, изјави Оланд.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг им изрази сочуство на семејствата на засегнатите.

„Во тек е национална потрага и спасувачка операција. Египет и Франција заедно соработуваат  и истражуваат што се случило. Ако има потреба од помош од НАТО, секако дека сме подготвени да помогнеме“, рече Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Францускиот министер за надворешни работи Жан Марк Ајро изјави дека прв приоритет е да се информираат семејствата на патниците.

„Јас синоќа го однесов мојот најдобар пријател на аеродромот. За сега немаме никакви информации“, вели жител на Франција.

„Ништо не знам. Мојата ќерка е стјуардеса. За сега не знам ништо“, вели жителка на Каиро.

Авионот исчезна изутрината над Средоземното Море, 16 километри откако навлегол во египетскиот воздушен простор. Контролорите на грчкиот водушен сообраќај изјавија дека разговарале со пилотот додека бил во грчкиот воздушен простор, но тој тогаш не пријавил никаков проблем.

Египетската војска соопшти дека не добила сигнал за помош од пилотот на авионот демантирајќи ја претходната вест дека сигнал бил упатен десетина минути пред исчезнувањето.

Извори на министерството за одбрана наведуваат дека властите ја истражуваат изјавата на капетан на еден трговски брод кој рекол дека видел „оган на небото“ во близина на островот Карпатос.

Марина Автовска