Македонија- Белгија: Поголема соработка во индустријата, градежништвото, земјоделството и текстилот

19.05.2016 15:28

Во индустријата, градежништвото, земјоделството и во текстилот, Македонија и Белгија имаат потенцијал за поголема соработка. Над 40 компании од двете земји, на директни средби. Во последната деценија трговската соработка е двојно поголема, достигна 197 милиони евра...

Економската соработка меѓу Македонија и Белгија лани достигна 197 милиони евра, речиси двојно повеќе од пред неколку години. Главна причина за прогресот се белгиските инвестиции во земјава, особено на компанијата „Ван Хол“ која соработува со над 300 македонски фирми при изработка на автобуси, изјави вицепремиерот Ставрески на Белгиско- македонскиот бизнис форум во Скопје.

„Постојат повеќе сектори што би можеле да бидат од интерес за белгиските инвеститори. Прво и основно искуството од минатото покажува дека постојат добри услови за развој на индустријата за производство на автомобилски делови и електронски компоненти при што Ван Хул ги искористи овие можности и денеска произведува и извезува од Република Македонија меѓу 600 и 700 автобуси годишно“, рече Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Одлични можности за бизнис, според Ставрески нудат и земјоделството, прехранбената индустрија и туризмот, а голем потенцијал има и во ИТ-секторот и во градежништвото. За белгиските бизнисмени ниските трошоци и квалификуваната стручна работна рака се доволна причина за да се инвестира во земјава.

„Доколку првата причина е добра работна сила и добра деловна клима, секако и слободната зона и неплаќањето данок се навистина силни аргументи за да инвесирате некаде“, вели Џон Ступ, претседател на Фередација на стопански комори на Белгија.

Според Ступ политиката треба да го следи интересот на компаниите и да  помогне да се развиваат, да инвестираат, да отвораат работни места и да плаќаат данок.

„Во последниве години Македонија ги засили своите напори за привлекување странски инвестиции. Нашето присуство тука како извршни директори и претставници на низа белгиски компании од различни сектори докажува дека Македонија го привлече нашето внимание“, вели Кети Беркс, гувернер на Антверпен.

Малите земји природно се отворени кон глобалниот пазар и постојано се менуваат, вели Беркс и затоа Белгија ја променила структурата на БДП-то, при што со 77% учествуваат услугите, а со 22%- индустријата.

 

Свето Николовски