Советот на ЕУ ја одложи расправата за Македонија

23.05.2016 20:38

Дискусијата за нашата држава е одложена за на 20 јуни, поради недостаток на време и отсуството на министрите кои ја поднесоа иницијативата.

И покрај најавите, Советот за надворешни работи на ЕУ денеска не разговараше за состојбата во Македонија. Дискусијата за нашата држава е одложена за на 20 јуни, поради недостаток на време и отсуството на министрите кои ја поднесоа иницијативата. Шефовите на дипломатиите на Германија, Михаел Рот  и на  Велика Британија  Филип Хамонд, пред почетокот на состанокот изразија загриженост и порачаа дека очекуваат брзо решение на  политичката криза во Македонија како и целосна поддршка на СЈО. Во спротивно, земјата ќе се оддалечува од евро- интеграцискиот пат.

Во брифингот пред средбата на министрите се потсетува на заедничката изјава на високиот претставник на Унијата, Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан. Двајцата покрај забелешките за претседателската аболиција, апелираа до сите страни во земјава да избегнуваат постапки со кои би се потцениле повеќегодишните напори на меѓународната заедница за зајакнување на владеењето на правото.

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто и денеска потенцираше дека никој нема право да се меша во внатрешните работи на Република Македонија и дека иднината на државата треба да се остави во рацете на македонскиот народ.