Уставниот суд ги поништи одлуките за распуштање на Собранието
Според Судот, одложеното дејство на одлуките е главниот аргумент за оспорување односно поништување на Одлуката за распуштање на Собранието...

Уставниот суд денеска донесе едногласна одлука со која се поништуваат Одлуката за распуштање на Собранието на РМ од јануари 2016 и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието на РМ од февруари 2016 година.
Според Судот, одложеното дејство на одлуките е главниот аргумент за оспорување односно поништување на Одлуката за распуштање на Собранието.
Судот оцени дека не може да се носи одлука за распуштање на Собранието со одложено дејство, бидејќи тоа е спротивно на Уставот на Република Македонија.
На седницата пред една недела Судот изрази сомневање за одлуката и едногласно одлучи да поведе постапка по иницијативата на пратеникот Талат Џафери од ДУИ за оценување на уставноста. Притоа, уставните судии донесоа и времена мерка со која се запираат сите изборни дејства.
Парламентот истиот ден (на 18 мај) одржа седница на која беа направени повеќе измени и дополнувања на закони, меѓу кои и на Изборниот законик, со што беа одложени изборите закажани за 5 јуни.
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во Службен весник на РМ, односно во првиот нареден број.
