Расте бројот на холандски туристи

26.05.2016 10:28

Македонија е прекрасна дестинација која што има огромен потенцијал за развој на туризмот. Ова е заклучокот на менаџерите на холандскиот тур-оператор „ТУИ“ од Холандија по посетата на нашата земја. Според нив, бегалската криза и актуелните состојби во земјата за кратко придонеле да се намали продажбата на аранжманите за Македонија, но тоа е надминато и годинава тие очекуваат зголемување на бројот на туристите од Холандија во нашата земја...

Македонија е сеуште неоткриена дестинација за повеќето европјани. Земјата нуди бројни изненадувања и има огромни потенцијали, но сепак она по што се издвојува од сите други познати туристички дестинации во светот се пријателството и љубезноста на домаќините. Ова се впечатоците на топ-менаџментот на холандскиот тур-оператор „ТУИ“ по посетата на нашата земја.

„Покрај културата и пријателството што веќе го споменав, 365 цркви, вкусот, природата, можностите за спорт што Македонија ги нуди, возење велосипед, планинарење, параглајдинг, се тоа ја прави оваа земја посебна“, вели Жак Крејнен„ТУИ“- Холандија.

Политичката ситуација во земјата и претходно бегалската криза имаше влијание на продажбата на аранжманите. Но состојбата на туристичкиот пазар во Холандија е стабилизирана и се очекува враќање на состојбите од првиот квартал од годината.

Луѓето кои се на одмор тука сватија дека имаат одмор без да се вклучени во некаков вид проблеми. Тоа е секако позитивен имиџ за земјата. Направивме една интензивна маркетинг кампања која позитивно влијаеше. Луѓето сваќаат дека ситуацијата не е критична“, изјави Аријан Керс, генерален менаџер на „ТУИ- Холандија.

„Ние бележиме 20% пораст за првиот квартал во однос на холандските туристи и 30% во однос на посети и 20% во однос на ноќевањата. Ова се бројките за првиот квартал од годината, а се надевам дека и во вториот квартал ќе оствариме некаков пораст“, изјави Лела Крстевска- директор на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот.

Во моментот „ТУИ“ има 4 лета неделно за Македонија, а менаџментот на тур- операторот очекува во шпицот на туристичката сезона бројот на чартер летовите да се зголеми на 5 или 6 неделно.

 

Сашо Нелоски