Нови 150 наслови на аудио книги за лицата со оштетен вид
Со овие наслови и оние кои претходно беа реализирани, слепите лица ќе имаат на располагање над 340 наслови на аудио книги од различна тематика достапни за нивна едукација и блискост со пишаниот збор.

Промовирани нови 150 наслови на аудио книги за лицата со оштетен вид. Тие се дел од проектот за изработка на 400 аудио книги, што се спроведува трета година по ред.
Со овие наслови и оние кои претходно беа реализирани, слепите лица ќе имаат на располагање над 340 наслови на аудио книги од различна тематика достапни за нивна едукација и блискост со пишаниот збор. Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов најави и снимање дополнителни 400 наслови.
Бидејќи проектот беше општо прифатен и слушајќи ги барањата на слепите лица пред се на учениците и студентите, одлучивме годинава да го зголемиме фондот на книги кои ќе бидат снимени и понатака достапни за јавноста. Во тек е постапка која ја спроведува Министерството за труд и социјална политика за снимање нови 400 наслови која, според нашите очекувања, ќе започне летото 2016, а ќе заврши наредната година. За таа цел издвоивме буџет од 4.600.000 денари, изјави Спасов.
Во новите 400 наслови застапени се дела од изданијата 135 тома Македонска книжевност (на македонски, албански и турски јазик) дела од странски автори во едициите Нобеловци и Ѕвезди на светската книжевност во издание на Министерството за култура.
