Усвоен Стратегискиот план на НБРМ за периодот 2017 - 2019 година
Усвоен стратегискиот план за периодот 2017-2019 година, кој е продолжение на претходно утврдените стратегиски цели во областа на утврдувањето и спроведувањето на монетарната политика.

Определбата за одржување ниска и стабилна инфлација, стабилен курс на денарот во однос на еврото, одржувањето на финансиската стабилност, економски раст и просперитет, ќе бидат главниот стожер на активностите на Народната банка. Усвоен стратегискиот план за периодот 2017-2019 година, кој е продолжение на претходно утврдените стратегиски цели во областа на утврдувањето и спроведувањето на монетарната политика.
Народната банка и натаму ќе го развива корпоративното управување и ќе го продлабочува системот на вредности. Во таа смисла, ќе продолжи процесот на создавање современ и компетентен човечки капитал, воспоставување на најновите технолошки иновации во деловните процеси, ефикасно управување со ризиците и на развивање на соработката со домашните и странските институции.
Истражувачката активност на Народната банка на Република Македонија во периодот 2017 - 2019 година ќе биде насочена кон области коишто се од значење за остварувањето на нејзините основни и други цели и на зајакнувањето на институционалниот капацитет. Предвидените истражувања треба да дадат поддршка на процесот на одлучување, да придонесат за поуспешно функционирање на Народната банка и за соочувањето со идните предизвици. Воедно, предвидените истражувања и анализи треба да придонесат и кон натамошно осовременување на работењето во Народната банка и подготовка за идното учество во Европскиот систем на централни банки.
Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ја усвои и Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели „Владимирска“ од серијата „Икони на Пресвета Богородица“. Оваа кована пара е со апоен од 100 денари во количина од 7000 парчиња.
