Политичка стабилност за поголем број туристи

26.05.2016 16:11

Амбасадорот на Краството Холандија во Македонија, Вилем Воутер Пламп и охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески денеска му изразија почит на холандскиот писате, патеписец и новинар, А. Ден долард кој со романот „Свадбата со седумтемина цигани“ уште во шеесеттите години на минатиот век го промовираше Охрид како туристичка дестинација. Тие од Охрид упатија порака за надминување на политичката криза која негативно влијае врз туризмот...

Писателот, патеписец и новинар А Ден Долард има огромна заслуга за промоцијата на Охрид како туристичка дестинација во Холандија. Во неговиот роман „Свадбата со седумтемина цигани“, објавен во 1939 година, тој на прекрасен начин ги опишал убавините на Охрид и магичното езеро, со што ги привлекол холандските туристи да дојдат во градот каде што се одвивала љубовната авантура што ја раскажал. Токму поради таа романтично обоена приказна која на некој начин ги поврза македонците и холанѓаните, како израз на почит денеска на неговото спомен обележје цвеќе положија холандскиот амбасадор и охридскиот градоначалник.

„Ден Долард е можеби најголемиот амбасадор на Македонија во Холандија, дури и во поширокиот дел на Западна Европа. Благодарение на неговиот престој тука, запишан во неговите дела има толкав број холандски туристи во Охрид“, изјави амбасадорот Вилем Воутер Пламп.

Со подобрувањето на политичката клима во Македонија се очекува зголемување на бројот на холандски туристи.

„Годинава е забележано одредено намалување на продадени аранжмани за летување тука, но уверен сум дека бројот повторно ќе се зголеми штом политичките лидери најдат решение за кризата“, вели Пламп.

„Да се надеваме дека бројот на холандски туристи ќе го следи растечкиот тренд кој што го имаме во изминатите години и од година во година ќе биде се поголем. И тоа е јасна порака не само до граѓаните на Холандија туку и на сите европски држави, дека градот Охрид се движи во вистинска насока , дека е безбедно место кое што УНЕСКО го препозна пред многу години како светско културно и природно наследство“, изјави охридскиот градоначалник Никола Бакрачески

Во Охрид од почетокот на мај престојуваат холандските туристи, чиј број според најавите на туроператорите „Корендон“ и „ТУИ“ ќе биде поголем од лани.

 

Сашо Нелоски