Состојбата во банкарскиот сектор се смирува
Граѓаните ги враќаат парите на сметките, а менувачкиот пазар е веќе стабилизиран. Во однос на каматите се уште се прават анализи и калкулации. Барем во наредните 2 месеца „НЛБ банка“ не планира зголемување на каматите...

Состојбата во банкарскиот систем и натаму се смирува, велат банкарите. Граѓаните ги враќаат парите на сметките, а менувачкиот пазар е веќе стабилизиран. Во однос на каматите се уште се прават анализи и калкулации. Барем во наредните 2 месеца „НЛБ банка“ не планира зголемување на каматите на станбените и на потрошувачките кредити. Единствено се можни корекции кај депозитите. Каматите би се зголемиле кај денарските, а ќе се намалат кај девизните.
„Во моментов не ги менуваме каматните стапки. Доколку дојде до промена ќе дојде до промена, односно зголемување на каматните стапки на денарските депозити, зголемување на денарските каматните стапки, а намалување на каматните стапки на евро- депозитите. Кај физичките лица, основните продукти како станбениот и потрошувачкиот кредит, нема да се зголемат сигурно во наредните два месеца“, вели Антонио Аргир- претседател на УО на „НЛБ банка“ АД Скопје.
Конкуренцијата го прави своето, особено кај корпоративните кредити и во зависност од клиентот и проектот и покрај целата состојба има и намалување на каматните стапки, вели Аргир.
Според него, и покрај политичката криза, опаѓа учеството на нефункционалните кредити кај населението, додека кај правните лица поради исфинансирани, а не реализирани зделки има влошувањето на ликвидноста и благо зголемување на процентот на нефункционални кредити. Сигналите на централна банка која неодамна ја зголеми референтната каматна стапка банките и натаму внимателно ги анализираат.
Народна банка денеска го усвои стратегискиот план за периодот од 2017-та до 2019-та. И натаму не отстапува од определбата за одржување ниска и стабилна инфлација преку одржување стабилен курс на денарот кон еврото. Одржување финансиска стабилност, како дел од вкупната макроекономска стабилност што е предуслов за економски раст и развој.
Свето Николовски
