Укинати 12 позиции во Телма, телевизијата врши систематизација на работни места
Јавноста денеска ја разбранува имнформацијата за отпуштања во телевизијата Телма. Од менаџментот на медиумот велат дека се укинати 12 позиции и оти вршат систематизација на работни места. Реагираа новинарски здруженија, синдикатот и СДСМ. Од раководството со став: систематизацијата се врши согласно прописите- политиката да не се меша во бизнисот на приватни компании...

Дванаесет вработени во телевизија Телма од информативната, културната и од забавната редакција, со одлука на раководството, се прогласени за технолошки вишок. Станува збор за долгогодишни новинари во оваа приватна телевизија. Намалување на трошоците, е образложението со кое новинарите биле известени дека се отпуштени.
„Систематизацијата во Телма се врши согласно сите правни прописи и процедури, и во консултација со независниот синдикат, иако законски менаџментот на телевизијата не е должeн да го консултира синдикатот за систематизација од ваков обем“- вели директорот на Телма, Атанас Кировски во дописот испратен до МТВ.
Иако телевизијата последниве две години ги подобрила финансиските резултати сѐ уште, вели Кировски, работи со загуба.
Сметаме дека е сосема неумесно да се коментираат легитимните и правно целосно издржаните одлуки за интерната систематизација и рационализацијата на трошоците во телевизијата- пишува во дописот од Телма телевизија.
Македонската асоцијација на новинари (МАН) смета дека отпуштањето на новинарите од телевизија Телма е непрофесионална одлука без однапред познати и посочени критериуми според кои новинари останаа без работа преку ноќ.
СДСМ пак, го повика раководството на телевизијатада ја преиспита својата одлука и да ги разгледа сите можности што му стојат на располагање да се донесе соодветно решение кое ќе биде во интерес на новинарите, во согласност со заштитата на нивните законски права и обрски.
Телма, пак, смета дека е невкусно политички партии да се огласуваат со соопштенија за систематизации во приватни медиуми, бидејќи, како што велат, станувало збор за непримерно мешање на политиката во бизнисот на приватни компании.
Миле Ристески
