Холандски туристи во Охрид и во следните три години
Продолжени договорите за соработка со холандските тур- оператори во наредните три години. Во десеттина хотелски објекти на Охридско- струшкото крајбрежје во тој период ќе доаѓаат по дваесет и пет илјади холандски туристи годишно. Во изминатите пет години во нашата држава одморале сто и педесет илјади холандски туристи...

Холандскиот тур-оператор „Корендон“, Фибула травел како ленд партнер во нашата земја и Хотелската асоцијација на Македонија потпишаа нови договори за продолжување на соработката во наредните три години. Со договорот се опфатени девет хотелски објекти на охридско-струшкото крајбрежје.
„Во овие специфични околности во кои што се наоѓа нашата држава и целиот регион, овие договори навистина имаат огромно значење бидеќи во наредниот период во Охрид и Струга ќе доаѓаат нови 25.000 туристи од Холандија“, изјави Асим Меџедовиќ, менаџер на туристичка агенција.
Се очекува продажбата на туристичките аранжмани во текот на јули и август да се зголеми. За тоа секако голем придонес ќе даде и неодамна организираната „Македонска вечер“ во Амстердам на која присуствуваа 200 потенцијални гости и клиенти од Холандија, кои уживаа во вкусот на македонската традиционална кујна и најдобрите вина.
„Македонската вечер во Амстердам имаше за цел дополнително да ја претстави македонската туристичка понуда како атрактивна балканска и европска туристичка дестинација“, вели Меџедовиќ.
Во изминатите пет години холандската приказна се покажа како мошне успешна бидеќи во тој период во Македонија престојуваа 150.000 холандски туристи. Новопотпишаните договори покажуваат дека соработката била на здрави нозе и дека туроператорите сакаат да ја задржат нашата земја како туристичка дестинација.
Сашо Нелоски
