Обама во Хирошима со апел да се елиминира нуклеарното оружје

27.05.2016 15:15

Американскиот претседател им оддаде чест на жртвите од нуклеарниот напад во Хирошима, но не се извини. На седумдесет и првата годишнина од првата атомска бомба, тој повика на свет без нуклеарно оружје...

Американскиот претседател Барак Обама ја посети Хирошима за да им оддаде чест на загинатите во првиот нуклеарен напад во Втората светска војна. Се ракуваше со неколкумина преживеани во нападот, но не се извини за тогашните дејствија на својата земја. Според Белата куќа, тоа би ги деградирало дејствијата на американските ветерани. Посетата во градот каде што САД на 6 август 1945 година ја фрлија првата атомска бомба, ја искористи за да испрати апел до светот да се елиминира нуклеарното оружје. Ист апел пратија и демонстрантите кои одржаа уште еден протест за време на посетата на Обама.

„Пред 71 година, смртта дојде од небо. Светот се смени засекогаш, а бомбата покажа дека човештвото може да се уништи себеси. Зошто дојдовме овде? За да размислиме за таа страшна сила која ја ослободија не толку одамна“, изјави претседателот на САД, Барак Обама.

Според  Обама, историјата на човековата цивилизација е исполнета со војни и затоа човештвото треба целосно да го промени односот кон ова прашање. За разлика од Јапонците, повеќето Американци сметаат дека бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки било оправдано во воени услови. Во двата напада загинале над 200 илјади луѓе.

„Технолошкиот напредок што не го следи соодветниот напредок на човечките институции, може да биде кобен. Научната револуција која овозможи расцепување на атомот повикува на морална револуција“, рече Обама.

Обама нагласи дека историската посета е доказ дека и некогашните противници може да станат најсилни сојузници, алудирајќи на денешното силно партнерство меѓу САД и Јапонија.

По посетата на Меморијалниот музеј на мирот, заедно со премиерот на Јапонија Шинѕо Абе, Обама замина во Паркот на мирот каде што положија венци.