225 невработени почнаа обука за дефицитарни занимања

27.05.2016 15:38

Обучувачите добиваат по 30 илјади денари, невработените по 6.200...

225 невработени почнаа со обуки за дефицитарни занимања на пазарот на трудот. Проектот се реализира со 35 милиони денари. Обучувачите добиваат по 30 илјади денари, невработените по 6.200.

„Преку обуката се градат вештините и знаењата кај невработените лица кои им се потребни на работодавачите. На тој начин се врши полесно поврзување на понудата со побарувачката на пазарот на труд и се зголемува и подобрува вработливоста на невработените лица“, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори, истакна дека со обуката за рецепционер се продуцира кадар во областа на туризмот, нешто што, како што истакна, е на барање членките од туристичкиот и угостителскиот сектор во кој евидентно постои дефицит токму од ваков кадар.

Од Министерството за труд и социјала велат дека до крајот на годинава се очекува низ обуките да минат 640 луѓе.