Грчката компанија „Секе“ подготвена да купува македонски тутун

27.05.2016 16:21

Се зголемува конкуренцијата на откупувачи на тутун во Македонија. Грчката компанија „Секе“ е подготвена годинава да купи милион килограми ориентален, а ќе преземе и крупнолисен тутун. Ќе гради фабрика во крушевската индустриска зона. Тоа е сигурност за македонските тутунари, констатираат од земјоделскиот инспекторат.

На стартот на новата реколта тутун, грчата компанија „Секе“ како нов, 10 лиценциран откупувач во земјава уверува: ќе купи еден милион килограми тутун, а веќе склучила договори со 1 500 производители. Ќе преземе и крупнолисен тутутн.

Имаме интерес за влез на македонскиот пазар за тутун. Тој се бара во светот, констатира сопственикот на грчата компанија

„Тука наидовме на добри пријатели и соработници, искусни лица кои ни помогнаа и ни помагаат во остварување на нашите планови за работа. Во вашата држава знаеме колкава е битноста на тој продукт, има голем интерес на светските пазари за тутунот од Македонија, нам тоа ни е познато и имаме голем интерес за купување на тутунот од Македонија“, вели Александрос Контос, сопственик на грчката компанија за преработка на тутун „Секе“.

Ќе ја гради фабриката во крушевската индустриска зона „Опаленик“ откако ќе ги добие дозволите за градба. Инвестицијата е 4 милиона евра, ќе вработи околу 300 работници. Додека се изградат халите, има изнајмен простор во Крушево.

За инспекторатот е битно што се зголемува конкуренцијата за откупот на македонското жолто злато.

„Како инспекторат бевме максимално кооперативни, односно министерството и владата, се со цел оваа компанија да влезе на територијата на Македонија и да врши откуп на суров тутун. Тоа ќе значи поголема конкуренцијаво самиот откуп на тутунот и посигурен пласман на македонските земјоделци во оваа реколта 2016, и се надевам и во наредните 2017, 2018 и во иднина“, вели Цветан Трипуновски, директор на Државниот земјоделски инспекторат.

Годинашнава реколта на 13.000 хектари, се очекува да биде тешка 25.000 тони со солиден квалитет.

 

Елизабета Митреска