Даниелсон: Договорот од Пржино е најдобриот начин за излез од кризата
„Договорот од Пржино е најдобриот начин за излез од кризата“- порача првиот човек на Директоратот за проширување, Кристијан Даниелсон, по средбите со политичките лидери од водечката четворка. Побара да се почитуваат четири клучни принципи: владеење на правото, одговорност, инклузивност и кредибилни избори...

„Договорот од Пржино е единствениот излез од политичката криза“- порака од првиот човек на Директоратот за проширување, Кристијан Даниелсон по средбите со четворицата лидери во Скопје. Побара да ги имплементираат неопходните реформи и наскоро да подготват кредибилни избори.
„Реформите мора да бидат спроведени инклузивно. Ургентните реформски приоритети за кои четворците лидери пред една година ветија дека ќе ги имплемнтираат, не смеат да останат само декларативни“, рече Даниелсон.
Во изјавата за медиумите која ја даде пред прес- конференцијата на претседателот Иванов, Даниелсон стави императив и на повлекување на одлуката за аболиција. Во серијата средби, покрај состаноците со лидерската четворка, на маса седнал и со претставници од Специјалното јавно обвинителство.
„На специјалната јавна обвинителка и на нејзиниот тим да им се дозволи да ја работат својата работа, како клучен елемент за враќање на довербата во владеењето на правото и судскиот систем“, нагласи Даниелсон.
Во партиските соопштенија по средбата со европскиот дипломат, стои дека лидерите посочиле дека евроинтегративниот процес останува стратешки интерес за нив. Груевски посочил дека приоритет на ВМРО-ДПМНЕ претставува нормализирање на политичката ситуација и внесување на сигурност кај граѓаните. Ахмети соопштил дека ДУИ ќе се посвети на спроведување на реформите, Тачи- дека излез од оваа ситуација е продолжение на дијалгот со посредство на меѓународниот фактор.
Катерина Топалова
