Се очекуваат рекордни приноси на пченица

27.05.2016 17:03

Годинава се очекуваат рекордни приноси на пченица од околу 240 илјади тони. Ќе покријат 80 проценти од домашните потреби. Производителите бараат откупна цена од 11 денари за килограм, но и засилени инспекциски контроли поради шверцот со неквалитетни семенски материјали...

Доколку останат поволните временски услови годинава Македонија ќе има рекордни приноси на пченица од околу 240.000 тони лебно зрно, или за четвртина повеќе од лани. Со тоа земјава практично ќе обезбеди покривање на 80% од годишните потреби за пченица. Засеани се 80 илјади хектари, односно за 10 илјади повеќе од минатата реколта. Засега само 30 насто од производителите користат сертифициран семенски материјал, што овозможува значително повисоки приноси.

„Имаме сѐ повеќе нови сорти кои нудат поголеми приноси. Затоа бараме да се направат опитни полиња во различни региони зашто се зголемува бројот на сорти пченица и јачмен кои даваат високи приноси, но сите не се погодни за климата на одредени подрачја“, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделците.

„Глетката во Пелагонија е преубава. Се молиме на господ да се задржат овие посеви Сега е време да престане увозот на евтино српско брашно за да се откупи домашната пченица. Апелирам, производителите што поскоро да ги осигураат своите посеви“, изјави Вељо Тантаров- претседател на Сојуз на земјоделците.

Просечниот принос во земјава е околу 3 тони од хектар, а новите селектирани домашни сорти пченица имаат генетски потенцијал од 18 тони по хектар.

„Би требало околу 20 илјади тони да бидат со семенски материјал. За жал во Македонија се уште не се користи сертифициран семенски материјал“, вели Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис комората.

Државата ќе продолжи финансиски да ги поддржува земјоделците кои користат сертифициран семенски материјал со 12.000 денари по хектар, најави министерот Цветков.

„Од 2018-та ние како Министерство нема да субвенционираме површини засеани со пченица кои нема да користат сертифициран семенски материјал. Да направиме земјоделци кои што ќе бидат конкурентни и со производството да конкурираат на странските пазари“, рече министерот за земјоделство, Михаил Цветков.

Производителите очекуваат минимална откупна цена од 11 денари за килограм, која велат ќе овозможи покривање на производствените трошоци, но бараат и засилени инспекциски контроли за да се спречи шверцот со неквалитетен сменски материјал.

 

Свето Николовски