Претседателот Иванов на лидерски состанок на „Брдо Бриони процесот“

29.05.2016 12:44

Македонскиот претседател ќе ја реафирмира потребата од максимално посветување и свртување на државите кон регионот и максимална соработка, особено во сферите на безбедноста и инфраструктурата...

Забрзана интеграција на целиот регион во ЕУ и НАТО е главна цел на состанокот на лидерите на „Брдо Бриони процесот“, кој денеска се одржува во Сараево, а на кој учествува и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Европските и евроатланските интеграции да се третираат како суштинско, а не како техничко прашање, се очекува да биде еден од заклучоците на денешниот самит на лидери. Од Сараево претседателите од регионот, ќе порачаат дека билатералните разлики не смеат да бидат пречка и блокада на евроинтеграциите и дека неопходно е помирување и враќање на севкупната доверба меѓу државите, со цел непречена и засилена регионална соработка. За таа цел, потребен искрен и директен дијалог за надминување на разликите, заклучуваат лидерите на Брдо Бриони.

Македонскиот претседател ќе ја реафирмира потребата од максимално посветување и свртување на државите кон регионот и максимална соработка, особено во сферите на безбедноста и инфраструктурата. Имено, потребно е балканските земји да ги следат успешните модели на регионална соработка во Европа, како што се Вишеградската група, нордискиот и балтичкиот регион.

Според Кабинетот на претседателот, во заклучоците на овој состанок, покрај заложбите за брза интеграција на земјите од регионот во ЕУ и НАТО, првпат се вметнуваат и заложбите на државите за зајакнување на полова рамноправност, особено во сферата на лидерските позиции, како и борбата против семејното насилство и насилството врз жените.

На состанокот, на кој специјален гостин е претседателот на Италијанската Република Серџо Матарела, ќе учествуваат и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, Младен Иваниќ и Драган Човиќ, претседателите на Хрватска Колинда Грабар- Китаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Албанија Бујар Нишании и на Косово Хашим Тачи.

„Брдо-Бриони процесот“ е инициран од Словенија и Хрватска во 2013 година, со цел регионална соработка и решавање на отворени прашања. Идната година, домаќин на состанокот на „Брдо Бриони процесот“ ќе биде токму Република Македонија и претседателот Иванов.