ЕКСКЛУЗИВНО: МРТ на протестите во Киев
Украинскиот премиер Микола Азаров поднесе оставка...
Украинскиот премиер Микола Азаров поднесе оставка, во обид да им стави крај на протестите што ја зафатија целата земја. „Конфликтот им се заканува на економскиот и социјалниот развој на Украина и е закана за целото општество и за секој граѓанин“, порача тој во соопштението. Опозицијата го оцени ова како голем чекор, но далеку од победа.
Во Врховната рада, со едноминутен молк за загинатите демонстранти почна вонредната седница на која треба да се повлечат спорните закони со кои се забранува правото на протест.
„Многу е важно да не го употребат зборот „амнестија“, туку „декриминализација“. Амнестија е признавање на вината. Ќе разговараме и за преодните процедури што сакаат да ни ги понудат. Уште не сме се согласиле, само ќе разговараме“, порача Олег Тјанибок, опозициски лидер.
Водството на владејачката Партија на регионите на Јанукович им дозволи на своите пратеници да гласаат независно, наместо партиски. На Плоштадот на независноста, демонстрантите го исчекуваат исходот со недоверба.
„Не се работи само за законот за протести. Тоа е само почеток. Треба да се смени целата политика на Владата“, вели демонстрант.
„Некои луѓе се за влез во ЕУ. Јас сум против. Мислам дека Јанукович добро си ја извршува својата работа“, рече поддржувач на Јанукович.
„Мислам дека Јанукович ќе се повлече и дека ситуацијата ќе се смири. Во спротивно, ќе има војна“, смета еден од демонстрантите.
Ако премиерот Јанукович го потпише декретот за оставката на премиерот Азаров, оставка ќе мора да си поднесе и целата Влада. На власт можат да останат уште 60 дена додека да се формира нова влада.
Душко Арсовски- специјален известувач за МРТ од Киев
