Меѓународната награда „Иса бег Исаковиќ“ за претседателот Иванов
Меѓу номинираните за ова високо признание беа и шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Могерини, и поранешниот турски премиер Давутоглу. Свеченоста во сараевскиот Народен театар, збогатена со концертот на Македонската Филхармонија.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во Сараево ја прими престижната меѓународна награда „Иса бег Исаковиќ“. Меѓу номинираните за ова високо признание беа и шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Могерини, и поранешниот турски премиер Давутоглу. Свеченоста во сараевскиот Народен театар, збогатена со концертот на Македонската Филхармонија.
Претседавачот со Комитетот за доделување на меѓународната награда академик Вјекослав Герц истакна дека наградата на претседателот Иванов му е доделена како признание за извонреден државник, човек кој е европеец, космополит и кој има исклучителна духовна ширина.
„Тој многу придонесе за европската култура и воедно е интелектуалец во смисла како што беа Волтер, Емил Зола, Виктор Иго. Освен тоа, по ширината на својот дух и својот интелект и делување, потсетува на големите државници интелектуалци, како што беа Жорж Клемансо, Вацлав Хавел. Според тоа, тој зазема посебно место, бидејќи нас не врзува и заедничка историја“, истакна Герц.
Обраќајќи се пред присутните гости, меѓу кои и голем број амбасадори, Иванов, рече дека современи продолжувачи на делото на Иса бег Исаковиќ се поединците и организациите кои се вклучени во изградбата на Балканот како дел од отворениот европски простор.
Тој посочи дека како регион имаме сѐ што ни е потребно – ресурси, традиција, креативни луѓе. Единствено што ни треба, рече, е одговорно лидерство.
На нашиот регион му се потребни повеќе одговорни лидери кои ќе ги надминуваат тесните етнички, религиски и идеолошки рамки и ќе го градат и реформираат нашиот регион со дијалог, помирување и доверба, нагласи претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето по повод добивањето на наградата „Иса бег Исаковиќ“.
