Сообраќајка во Прилеп: Загина 35-годишна жена, повреден нејзиниот сопруг
35 годишна жена загина, а нејзиниот сопруг е повреден во тешката сообраќајна несреќа што се случи ноќеска во Прилеп. Нивниот автомобил завршил в река. Мажот е надвор од животна опасност...

35- годишната Јулијана Ујгуноска од прилепско Боротино загина, а нејзиниот сопруг, 43- годишниот Рубинчо е тешко повреден во сообраќајната несреќа што се случи ноќеска, во еден часот по полноќ на периферијата на Прилеп. Мажот е пренесен во градската болница и е надвор од животна опасност.
Од засега неутврдени причини, нивното возило „опел астра“ удрило во оградата на малиот мост кај Сточното пазариште и завршило в река.
„Возилото излетало директно во реката, под мостот, при што сопатничката починала на лице место, додека возачот е итно пренесен во градската болница, на анестезиологија“, вели доктор Натали Танеска Спиркоска од службата за Итна медицинска помош.
„Другото лице е со повреди на главата и на раката. Направени се сите потребни иследувања и лекарите од соодветните специјалности утврдиле дека лицето треба да се упати на скопските клиники за понатамошен третман. Лицето кое ќе се транспортира е надвор од животна опасност“, вели хирургот од прилепската градска болница Сашо Димитриески.
Обвинителството побара обдукција за да се утврдат причините за смртта на 35 годишната жена. Најверојатно, брачната двојка била на матурска прослава.
Елизабета Митреска
