Завршни зборови во случајот „Фабрика за афери“
Браќата Захир и Имер Беќири, кои се товарат за изработка на лажни лични карти, повторија- не се винови и побараа ослободителна пресуда. Каква одлука ќе донесе судот ќе се знае утре, за кога е закажано изрекувањето на пресудата...

Не сум виновен и барам судот да ме ослободи. Ова го побара во завршниот збор Захир Беќири - Чауш. Рече дека обвинителството работи по инструкции на власта. Својата изјава Чауш ја заврши со прашањето, дали МВР го сомничи за криење на виртуелна дрога, бидејќи, како што рече, полицијата во неговиот дом дошла со налог за претрес за барање дрога, а му ги конфискувала компјутерите. Бранителот на Чауш истакна дека одредени содржини во компјутерот на Чауш биле подметнати, а дури потоа запечатени и предадени за вештачење во одделението за дигитална форензика.
Со оваа констатација не се согласуваат од обвинителството. Велат дека вештаците недвосмислено потврдиле дека евентуалното дополнително внесување на податоци во компјутерите на обвинетите не би можело да се сокрие, и дека овие дополнувања би оставиле траги врз електронските записи. Во завршниот збор обвинителката побара казна за браќата Беќири, затоа што како што рече, од изложените докази и изјави на сведоците, била потврдена нивната кривична одговорност.
Браќата Захир и Имер Беќири се товарат за изработка на лажни лични карти. Дали судот ќе ги прогласи за виновни или пак ќе ги ослободи од обвинение ќе се знае утре за кога е закажано изрекувањето на пресудата.
Анита Димитријевска
