Се забрзува реализацијата на итните реформски приоритети

30.05.2016 15:27

Нагласени се реформи во пет области: безбедност, правосудство, јавна администрација, медиуми и меѓуетнички односи...

Реализацијата на итните реформски приоритети ќе се забрза со интензивна комуникација меѓу владата и институциите, изјави по состанокот на извршната власт, премиерот Емил Димитриев. Нагласени се реформи во пет области: безбедност, правосудство, јавна администрација, медиуми и меѓуетнички односи.

Со силен ангажман од страна на Владата и на сите задолжени за реализација на реформите ќе го завршиме процесот онака како што се бара  бидејќи е од огромно значење за членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО, рече премиерот Димитриев.

На овој начин, додаде, од наша страна покажуваме кооперативност за сите работи кои беа претходно проблематизирани како се  системски уредени.

Еден дел од  мерките можат сами институциите со интерни акти и прописи да ги донесат,  еден дел ќе бидат разгледани на владино ниво, дел ќе одат и во Собрание каде ќе бидат преточени во законски решенија кои ќе се носат со или без двотретинско мнозинство, а еден дел е оставен за дополнителен дијалог помеѓу политичките партии односно се бара разговор или решенија на политичко ниво, рече Димитриев нагласувајќи дека тоа покажува оти има доволен простор за вклучување на опозицијата во процесот во носење на реформи.

Нас, потенцира, ќе ни биде драго да имаме квалитетни предлози и од опозицијата бидејќи реформите ги правиме за Република Македонија и за доброто на државата, а не заради интересот на Владата или на одредена политичка партија.