Британија бара повеќе ресурси за справување со мигрантите

30.05.2016 15:32

Британија побара поголема подготвеност за спречување на влезот на мигранти. Предупредија дека Англискиот канал е опасен исто како и Средоземјето.

Британската полиција бара повеќе ресурси за да се спречи влезот на мигрантите со импровизирани бродови. Дваесетина лица беа спасени крај брегот на Кент и предадени на истражните органи на испрашување откако изминатата недела беше притворена група мигранти во која било лице осомничено за убиство и за помагање илегален престој во земјата.

Најмалку 700 мигранти настрадаа во минатата недела во Средоземното Море, на мигрантската рута од северна Африка до Италија. Над 500 луѓе исчезнале само од бродот што се преврте во четвртокот. Италија се соочува со нов бран бегалци кои се во потрага по подобар живот. Крајбрежната стража пронашла и 50 трупа.

„Италијанската морнарица работи одлично. Спасија над 13 илјади луѓе неделава, но, за жал, многумина го загубија животот во бродоломите. Според проценките, се работи за 700 починати, и безброј исчезнати“, изајви Вилијам Спиндлер, портпарол на УНХЦР.

За седум дена во земјата стигнале 1700 бегалци коишто се принудени да ја користат Италија за влез во Европа откако се затворија балканските рути низ Грција, Турција и Западен Балкан.

„Потребни се заеднички методи, координирани активности на глобално ниво“, порача италијанскиот претседател Серџио Матарела зборувајќи за  најголемата бегалска криза по Втората светска војна.

„Најголемите предизвици денес може да се решат само со соработка, обединетост и интеграција. Италија е свесна дека е важно да се спроведе проектот на Европската Унија со земјите од регионот“, рече Матарела.

Најголем број мигранти доаѓаат од Сирија, Авганистан и Ирак.