Одбележан Светскиот ден без тутун

30.05.2016 15:51

Четири проценти од македонците првата цигара ја запалиле пред да наполнат девет години. Најголем број од учениците во земјава почнуваат да пушат на 15 години. На светскиот ден без тутун, Светската здравствена организација со апел за унифицирано пакување на цигарите.

Зависноста од цигарите е навика која влијае врз здравјето, а откажувањето е многу тешко - велат лекарите. За две години, речиси 700 граѓани ги посетиле советувалиштата за откажување од пушење низ земјава. 

„Некои прашуваат,  дали може веднаш да прекинат со пушење? Првите денови се најтешки, тогаш никотинот е највисок и тоа се денови кога се јавуваат кризи, им препорачуваме да земаат антидепресиви и да се тушираат, затоа што така се подобрува циркулацијата, а ќе се елиминира побрзо и никотинот. Голем дел од нив, веќе петтиот ден се во многу подобра состојба“, изјави д-р Марија Врчковска - Центар за јавно здравје- Битола.

Унифицираното пакување на тутунските производи, ќе ја намали потрошувачката на цигари, смета Светската здравствена организација. Лекарите велат, најважно е да се подигне свеста. 

„Тоа е суштината, да имам пред мене и да не посакам да ја земам цигарата. И нека има колку сака на пазарот, ние потрошувачите да не го користиме тој производ. Со тоа компаниите ќе немаат профит и постепено ќе се ориентираат кон други производи“, вели проф. д-р Елена Ќосевска, Институт за јавно здравје.

Македонците важат за нација зависна од никотин, истражувања стари 11 години покажуваат дека тогаш зависници од тутунот биле речиси 43 проценти од граѓаните. Нови податоци нема.

„Веќе од 15-та година значително почнува да расте бројот на лицата кои користат цигари, а секојдневните пушачи на таа годишна возраст се застапени со 5 проценти“, изјави д-р Силвана Ончева, доктор по социјална медицина.

Според податоците на Светската здравствена организација, повеќе од шест милиони смртни случаи годишно се поврзуваат со пушењето. 

 

Андријана Атанасовска