Реформи: Се интензивира комуникацијата Влада- институции
100-тина области на агендата на владиниот акциски план за итни реформи. Безбедноста, судството, јавната администрација, медиумите, меѓуетничките односи меѓу приоритетите. Целта е враќање на евроинтегративниот пат. Премиерот Димитриев вели дека ќе се интензивира комуникацијата со сите институции, а предлози очекува и од опозицијата...

Безбедноста, судството, јавната администрација, медиумите, меѓуетничките односи – ова се дел од сетот- реформи што треба да се реализираат за членство на земјава во евроатланските интеграции. На работниот состанок во владата, секоја институција се обврза да го реализира својот дел како што предвидува акцискиот план.
„Еден дел од мерките можат сами институциите со интерни акти и прописи да ги донесат, еден дел ќе бидат разгледани на владино ниво, дел ќе одат и во Собрание каде ќе бидат преточени во законски решенија кои ќе се носат со или без двотретинско мнозинство, а еден дел е оставен за дополнителен дијалог помеѓу политичките партии“, вели премиерот Емил Димитриев.
Според Димитриев, спроведувањето на реформите ќе придонесе за подобро функционирање на институциите и очекува вклучување и на опозицијата со предлози.
„Има доволен простор за вклучување на опозицијата во процесот во носење на реформи. Нас ќе ни биде драго да имаме квалитетни предлози и од опозицијата бидејќи реформите ги правиме за Република Македонија и за доброто на државата, а не заради интересот на Владата или на одредена политичка партија“, нагласува Димитриев.
За датумот за одржување на следните избори, Димитриев рече дека ќе зависи од текот на политичките разговори и од исполнувањето на обврските. Оценува дека со поништување на аболицијата за политичарите, има простор да се смират страстите.
Наташа Гркова- Петрушевска
